Села: Се освестив во соба 334 во Собранието


Претседателот на Алијанса за Албанците и пратеник, Зијадин Села на 27 април во прес-центарот во Собранието добил неколку удари во главата со монитор, со копје од знаме и со даска, слушајќи закани дека ќе биде убиен.


 

Тој денеска сведочеше во Кривичниот суд во Скопје на судењето во кое десет лица се обвинети за обид за убиство врз него.

Од ударите Села бил зашеметен и дезориентиран, а последно на што се сеќава од случувањата во прес-центарот е дека паднал на колега и дека почнале да го удираат по главата и телото од сите страни и слушнал извици „Убиј го“.

Тој посочи дека пред него како жив-штит стоеле пратениците Сурија Рушити од Алијанса за Албанците и Реџаил Исмаили од ДУИ, кои во еден момент се повлекле и тогаш Села добил удари со клоци и тупаници.

– Последниот момент што го паметам е како паднав на колена и тогаш почнаа да ме удираат по глава и насекаде по телото. Пред да паднам, човек со кожно елече и со очила на главата рече „Еве го Села, ајде!“ – рече лидерот на Алијанса за Албанците.

Одговарајќи на прашање на обвинителот, Села рече дека не се сеќава на ликовите на напаѓачите.

– Ова треба да го утврди истрагата. Не е можно од сите напади да има снимка, само од мојот напад да нема. Не е можно при толку телефони, мојот напад да не бил снимен – рече Села.

Села во судот го појасни и моментот кога се освестил и кога бил изнесен од Собранието, маскиран како полицаец.

– Се освестив во соба 334 во Собранието. Собата беше темна, а јас бев под бирото. Абдул Фета, вработен во собрание беше со мене и ми се претстави, а со него беше и друго лице. Фета ми кажа дека телефонот постојано ми звони и го земав и се јавив на сопругата и и кажав дека сум жив. Тогаш влегоа полицајци во цивилка. Ми облекоа дуксер и ми дадоа полициска значка, буквално ме маскираа. Ме изнесуваа викајќи повреден полицаец, повреден полицаец – рече Села, одговарајќи на прашања на обвинителот.

Тој се присети дека за време на насилствата, во прес-центарот имало некоја жена која била со новинарите и го снимала, а откако влегле насилниците зборувала со еден од нив кој носел црна фантомка.