Викендов 48-часовен хакатон NASA Space Apps Challenge


Почна 48-часовниот хакатон NASA Space Apps Challenge кој ќе трае во текот на целиот викенд од 9 до 22 часот, во просториите на ИТ хабот Нетавил. Тимовите ќе може да работат на еден од 22 предизвици зададени од експерти и научници на НАСА. Во земјава  натпреварот се одржува 10-ти пат.

 

 

Најголем дел од учесниците се ученици во средните стручни училишта и универзитетите низ државата, а најбројни се од Скопје, Куманово, Тетово, Велес, Прилеп, Битола, Кавадарци, Кочани, Виница, со вештини и знаења во програмирање, инженерство, природни науки, математика, 3Д-моделирање, визуелизација на податоци, претприемништво.

Главна награда за два члена од победничкиот тим е патување и посета на NASA Kennedy Space центарот, во Флорида, САД, заедно со нивниот ментор, каде што ќе гледаат полетување на ракета, и да остварат средби директно со експерти од НАСА  во областа на предизвикот на кој работеле.

Хакатонот го организираат ЊуМенс бизнис акцелераторот и Фондацијата „Голдилокс“, во партнерство со Амбасадата на САД во Скопје, домашни компании, ментори експерти од индустријата, професори и наставници.

-Токму развојот на вештини во STEAM областите (наука, технологија, инженерство, уметност и математика) ќе им овозможат одлични кариерни можности, а истовремено ќе можат да придонесат и за успешен развој на нашата земја, истакна на отворањето на хакатонот Марлин Најс, советник за односи за јавност во Амбасадата на САД во Скопје, која изрази задоволство од интересот на младите да се вклучат во овој голем натпревар.

На отворањето се обрати Ирена Чаушевска-Даниловска лидер на натпреварот во Северна Македонија.

Учесниците денеска имаа можност да проследат презентација на предизвиците на кои ќе може да работат во рамки на натпреварот, а учествуваа и на подготвителна работилница за поттикнување на работа во тим, креативност, иновативност, решавање проблеми и лидерство.

Можноста за вклучување со присуство во живо онлајн е отворена до утре во  9 часот, преку линкот https://bit.ly/NASASpaceAppsMKD. Националното финале е на 4 октомври од 13.30 до 16 часот.

Исто така, ннајдобрите решенија што ќе се креираат во 2022 година ќе се прилагодат за да можат во иднина да бидат користени и од страна на македонските основни и средни училишта како едукативен материјал со цел да ја поттикне љубовта кон STEM-дисциплините кај помладите генерации.

Досега учествуваат над 1500 млади таленти од нашата земја на возраст од 15 до 29 години а во последниве неколку години дури 40 отсто се девојки. Три наши тима досега беа прогласени меѓу 40-те финалисти на натпреварот во глобална конкуренција од над 2000 тимови – Тимот Delta во 2017 година и тимовите Atom Z и EXCEL-erators во 2020 година.