Кодексот на електронски комуникации на ЕУ ќе обезбеди подобрена конкуренција и фер пристап за операторите


Изминатиот месец, на 21 декември беше крајниот рок земјите членки на Европската унија да ги пренесат новите правила за телекомуникации на ЕУ во националното законодавство, според европскиот кодекс за електронски комуникации, кој стапи на сила во декември 2018 година. Преку имплементирање на пропишаните регулативи од овој Кодекс, државите членки имаат должност да ја модернизираат европската регулаторна рамка во своите држави, да ги подобрат изборите и правата на потрошувачите, како и да обезбедат повисоки стандарди за комуникациски услуги.



Во согласност со Кодексот, Комисијата исто така донесе законодавство за зајакнување на постојните цели на конкуренцијата и внатрешниот пазар, заштита на потрошувачите и обезбедување на фер пристап за сите оператори на пазарот.

Oд сите земји членки на ЕУ, вклучувајќи ги и земјите членки на Европската економска област (ЕЕА), целосно транспонирање на Европскиот кодекс за електронски комуникации (ЕЕЦЦ) Директива (ЕУ) 2018/1972 е успешно имплементирана само во Грција, Унгарија и Чешка, во нивното национално законодавство. Со имплементирање во локалното законодавство, сите мрежни оператори се предмет на овие измени.

Дополнително, Кодексот за електронски комуникации наложува земјите-членки да започнат со поставување на 5Г мрежна технологија во нивните земји. Сепак, овој процес е одложен, што поради пандемијата со корона вирус, така и поради безбедносни проблеми при склучување на договорите.

Со донесување на новиот Кодекс, на земјите им се наложува и да овозможат зајакнување на конкуренцијата и фер пристап на операторите, сè додека ги следат и почитуваат ЕУ стандардите.

Република Северна Македонија како кандидат за членство во ЕУ има обврска да ги усогласи националните политики за развој на електронските комуникации со политиките на ЕУ, како и политиките за безбедносните аспекти на имплементацијата на 5Г технологијата во нашата држава.

Измените и дополнувања на постоечкиот Закон за електронски комуникации во Северна Македонија во моментов се во фаза на подготовки , а во согласност со стратегијата за развој на мрежата 5G, се планира до 2023 година голем дел од земјата да биде покриена со 5G мрежа. Со измените и дополнувањата на Законот за електронски комуникации, во Северна Македонија се овозможува простор за фер конкуренција помеѓу сите оператори.