Жестоки борби се водат меѓу Талибанците и војската на Авганистан


 Талибанските сили напредуваат кон три големи градови во јужен и западен Авганистан, јави Би-Би-Си. Нивните војници веќе се во предградието на Херат, Лашкар Гах и Кандахар и водат жестоки битки со владините трупи. Нивната офанзива против позициите на авганистанската армија започна со повлекување на американските сили од земјата.


 

Според различни проценки, Талибанците сега контролираат околу 50 проценти од територијата на земјата (тие самите тврдат дека веќе зазеле 80 отсто од Авганистан), но досега не презеле ниту еден од поголемите градови.

Според авганистанскиот пратеник  Ѓул Ахмад Камин, постои реална опасност Талибанците да го преземат Кандахар, па дури и планираат да го направат привремен главен град. Според него, во овој град немало такви жестоки битки веќе 20 години.

Талибанците напаѓаат од неколку страни одеднаш, и ако уаспеат да навлезат внатре, армијата нема да може да користи тешко оружје против нив за да избегне жртви меѓу цивилното население. Околу 11.000 семејства сега живеат во бегалските кампови во Кандахар.

Доколку градот падне, владата ќе ја загуби контролата врз пет или шест други провинции во југозападниот дел на земјата.

Тензиите се зголемуваат и во Херат, северозападен Авганистан. Талибанците наводно се инфилтрирале од југ и веќе се борат на најмалку пет локации.

Американските воздухопловни сили изведуваат воздушни напади против напаѓачите. Владините сили успеаја да ја вратат контролата врз аеродромот.

Очевидци велат дека и многу локални жители земаат оружје и се борат против Талибанците. Теренскиот командант на муџахедините, Исмаил Кан, кој се бореше против советските трупи за време на инвазијата во Авганистан минатиот век, организираше милиција за да помогне во одбраната на градот.

Во главниот град на провинцијата Хелманд, Лашкар Гах, Талибанците дојдоа до 100 метри од зградата на локалната власт. Во петокот, тие исто така се приближија до институцијата, но армијата успеа да ги одбие.

Специјалниот амбасадор на Европската унија во Авганистан, Томас Никласон, изјави за Би -Би -Си дека конфликтот ќе се разгори и дека Талибанците се обидуваат да го вратат својот „исламски емират“.

Мисијата на Обединетите нации во Авганистан во својот извештај објави дека документирала 5.183 цивилни жртви во периодот од јануари до јуни, од кои 1.659 загинале. Бројот е зголемен за 47 проценти во однос на истиот период минатата година.