Зајберт: Германија нема да се спротивстави на продолжување на рокот за Брегзит


Германија нема да се спротивстави на каков било предлог на Европската Унија за продолжување на рокот за излегување на Велика Британија од ЕУ на 31 октомври, изјави денеска Штефан Зајберт, портпарол на германската канцеларка Ангела Меркел.


 

– Не можам да го предвидам исходот од консултациите, но во име на сојузната Влада можам да кажам дека Германија нема да застане на патот на продолжувањето (на рокот), наведе Зајберт.

Британскиот премиер Борис Џонсон синоќа изјави дека одлучил да го прекине разгледувањето на договорот за Брегзит во британскиот Парламент. Неговата одлука уследи откако Парламентот го отфрли предлогот на Владата дебатата да заврши за три дена.

Тоа значи дека ќе биде речиси невозможно Џонсон да го исполни ветувањето за излез на Велика Британија од ЕУ на 31 октомври, со оглед на тоа што пратениците бараат повеќе време да го разгледаат законот.

Џонсон има два избора – да се согласи на пратениците да им даде повеќе време, што значи дека ќе го одложи Брегзит најмалку неколку недели, или да го повлече законот и ќе се обиде да ги натера пратениците да гласаат за распишување избори. И во двата случаи ЕУ мора да се согласи за одложување на Брегзит.