Волстрит џурнал: Трамп сака договор меѓу Белград и Приштина пред претседателските избори во САД


Трамп ќе ја прифати републиканската номинацијата во Џексонвил на Флорида - МИА

Вашингтон, 16 јуни 2020 () – Американскиот весник „Волстрит журнал“ пишува дека претседателот на САД Доналд Трамп ги поканил лидерите на Косово и Србија на состанок во Белата куќа на 27 јуни, со надеж дека ќе им овозможи на двете страни да постигнат договор пред претседателските избори во САД.



„Волстрит џурнал“ цитираше американски официјални лица кои велат дека Трамп се надева дека ќе обезбеди долготраен формален мировен договор во регионот, „кој беше жариште на ривалството на суперсилите“, со цел да ги подобри неговите достигнувања во надворешната политика.

Весникот оценува дека новиот почеток на преговорите меѓу Белград и Приштина „веќе предизвикува контроверзи во Европа“, каде дипломатите, како што наведува, веруваат дека ЕУ би можела да биде ставена на страна „во сопствениот двор“.

„И покрај конфликтот меѓу Европа и САД поради притисок од администрацијата на Трамп, успешниот исход ќе го прошири западното влијание на Балканот, каде Кина и Русија агресивно се натпреваруваат  за влијание, особено откако започна пандемијата на Ковид-19, објави Волстрит џурнал.

Весникот, кој наведува дека Белгради Приштина потврдиле дека добиле покана за средба во Белата куќа, се повикува на неименуван висок американски функционер, објави дека Трамп лично се заинтересирал за ова прашање минатата година, откако лидерите се обратиле до неговата администрација. Изворот од неговата администрација посочува дека соработниците на Трамп веруваат дека решение на долгогодишениот спор меѓу Косово и Србија би му дале поттик пред изборите, посебно што преговорите со Северна Кореја и притисокот врз Иран имале „ограничени резултати“.

Волстрит џурнал, исто така, известува дека премиерот на Косово Авдулах Хоти, за весникот изјавил дека неговата влада едвај чека да се вклучи во преговори под покровителство на САД. Изданието наведува дека американскиот дипломатски притисок наишол на „ентузијастичка поддршка“ во Белград и Приштина.

Волстрит џурнал проценува дека, иако Европа и САД традиционално соработувале како партнери на Балканот, сојузот постепено се распаѓа во последните години. Во тој контекст, се наведува дека Германија го предводи спротиставувањето на Европа на размената на територии на Балканот, плашејќи се дека ова може да доведе до бран територијални претензии во регионот.

Весникот, исто така, потсетува дека Франција и Германија ги повикаа двете страни да продолжат со разговорите спонзорирани од ЕУ минатиот месец, и посочува дека европските официјални претставници изразиле сомнеж дека економскиот притисок на Вашингтон ќе доведе до решение на, како што сметаат, „клучното политичко прашање – српско признавање на Косово“.