Во Вашингтон уапсено лице со оружје и лажна пропусница за инаугурацијата на Бајден


– Американската полиција во американската престолнина вчера уапсила лице кое наводно се обидело да помине контролен пункт во градот со фалсификувана дозвола за присуство на инаугурацијата на новоизбраниот американски претседател Џо Бајден, а воедно поседувало и наполнет пиштол со повеќе од 500 парчиња муниција, пренесоа американските медиуми.



Во извештајот за инцидентот на Метрополитен полицијата , до кој дошол Си-Ен-Ен, се наведува дека кај уапсеното лице, Весли Ален Билер, додека бил претресуван на еден од контролните пунктови во Вашингтон, во неговиот камион имало полуавтоматски пиштол „Глок“. Тој, исто така, имал неовластено одобрение да присуствува на церемонијата на инаугурацијата на новиот претседател, додаваат медиумите.

Полицијата открила повеќе од 500 парчиња муниција, вклучително и шаржер за пиштол и куршуми за ловџиска пушка.

Белер бил уапсен за поседување нерегистрирано огнено оружје и поседување нерегистрирана муниција.

Припадниците на Националната гарда ги засилија локалните безбедносни сили во главниот град на САД и повеќе од 25.000 припадници на безбедносните сили се очекува да присуствуваат на церемонијата на 20 јануари.

Мерките се засилени поради смртоносниот упад на демонстрантите во Капитол на 6 јануари, кога загинаа најмалку пет лица.

Исто така, регистрирани се и закани од екстремната десница дека може да дојде до повеќе насилство во главниот град.