Во Словенија годинава се потврдени првите три случаи на зараза со вирусот Западен Нил, соопшти Националниот институт за јавно здравје (НИЈЗ), а сите три случаи на инфекција се потврдени во североисточниот дел на Словенија, во Помурје и Подравље.
Годинава, веќе на почетокот на сезоната, заразени се регистрирани во некои земји од ЕУ, меѓу кои и Хрватска.
Заразени има и во Италија, Австрија, Унгарија, Шпанија, Франција, Бугарија, Германија и Романија, како и во Србија, Албанија и Косово.
Вирусот на Западен Нил се пренесува преку комарци, па затоа најчесто се јавува во потоплите месеци, кога комарците се најактивни. Многу ретко, вирусот се пренесува меѓу луѓето преку трансфузија, ткива или донирани органи.
Повеќето луѓе не се разболуваат откако ќе бидат каснати од заразен комарец бидејќи во приближно 80 проценти од случаите инфекцијата поминува без симптоми.
Мал дел од заразените развиваат краткотрајно заболување придружено со симптоми како треска, малаксаност, главоболка, осип, болки во мускулите. Инкубацијата трае од три до 14 дена.
Луѓето на возраст над 50 години и оние со ослабен имунолошки систем се изложени на поголем ризик од потежок тек на болеста. По инфекцијата, најверојатно имунитетот е долготраен.
Благите форми на болеста не бараат третман, но потешките случаи обично бараат болничко лекување.