Во серија напади во Авганистан загинаа 17 лица


Во серија напади во Авганистан загинаа 17 лица - МИА

Кабул, 25 август 2020 () – Најмалку 17 лица загинаа, а десетици се ранети во денешната серија напади во Авганистан, меѓу кои и самоубиствен напад со камион врз база на авганистанските сили на северот на земјата, кој го извршиле Талибанците, соопштија локалните власти.



Насилството се случува во време кога се зголемуваат очекувањата дека наскоро би можеле да почнат преговорите меѓу авганистанската Влада и бунтовниците, во рамките на договорот постигнат меѓу САД и Талибанците во февруари.

Портпаролот на гувернерот на провинцијата Балх, Мунир Ахмад Фархад, изјави дека три лица загинале во самоубиствениот напад со камион самоубиец во оваа провинција – двајца авганистански војници и еден цивил.

Според првичните извештаи на портпаролот на воените сили на северот на Авганистан, најмалку шест припадници на армијата и околу 35 цивили се повредени во експлозијата на камионот, во која биле уништени или оштетени десетици околни куќи.

Тој изјави дека повеќето од повредените цивили биле жени и деца.

Портпарол на Талибанците ја презеде одговорноста за нападот во Балх.

Тој на Твитер објави дека во овој напад биле убиени десетици припадници на армијата, иако Талибанците често го преувеличуваат бројот на жртви во нивните напади.

Авганистанскиот претседател Ашраф Гани го осуди нападот во Балх и истакна дека бројот на напади на Талибанците врз големите авганистански градови е зголемен, и покрај договорот од февруари.

Тој додаде дека Талибанците мора да ги прекинат конфликтите и убиствата на Авганистанците, да прифатат прекин на огнот и да започнат директни преговори со авганистанската Влада.