Судењето за убиство на поранешен висок политичар во Казахстан обвинет за претепување на неговата сопруга до смрт го привлече националното внимание и поттикна повици за нова легислатива за справување со семејното насилство. Убиството се случи во ноември минатата година.
За време на судењето на веб-страницата на судот беше прикажано шокантно видео на кое се гледа како казахстанскиот бизнисмен и поранешен министер за економија Куандик Бишимбаев (44) ја тепа својата сопруга во семеен ресторан, пишува „Скај њуз“.
Случајот ја шокираше јавноста бидејќи десетици илјади луѓе потпишаа петиција со која бараат нови закони што ќе спречат вакви случаи во иднина.
Судењето на Бишимбаев е прво во земјата што било емитувано онлајн – што го прави лесно достапно за 19 милиони луѓе во Казахстан. Поранешниот министер веќе беше познат бидејќи во 2018 година беше во затвор поради примање мито. Доби десетгодишна затворска казна, но беше помилуван, па помалку од две години беше зад решетки.
Бишимбаев е обвинет за мачење и убиство на својата сопруга по нејзината смрт во ноември минатата година. Тој со недели тврдеше дека е невин, но минатиот месец пред судот призна дека ја претепал и и’ предизвикал смрт, пишува „Скај њуз“
Неговата сопруга Салтанат Нукенова (31) беше пронајдена мртва во ноември минатата година во ресторан во сопственост на роднина на нејзиниот сопруг.
На вознемирувачко видео од видео надзор се гледа како обвинетиот, татко на четири деца, ја влече својата сопруга за коса, а потоа ја удира со раце и нозе. Жената починала од повреда на мозокот.
Адвокатите на Бишимбаев првично ги оспоруваа медицинските докази кои покажуваат дека Нукенова починала од повеќекратни удари во главата. Таа, исто така, беше прикажана како склона кон љубомора и насилство, иако ниту една од снимките од безбедносните камери на ресторанот прикажани на суд не покажа дека таа го напаѓа сопругот, пренесува Скај.
Според студијата од 2018 година поддржана од UN Women, околу 400 жени годишно умираат како резултат на семејно насилство во Казахстан, иако многу од нив остануваат непријавени.