Германија минатата година регистрирала најголем прилив на население од војната, а најголем број имигранти се бегалци од Украина, објави денеска Државниот завод за статистика во Визбаден.
„Во 2022 година, во Германија имало за 1.462.000 повеќе лица кои имигрирале отколку што емигрирале, а најголемиот број, околу 1,1 милион, се државјани на Украина“, се наведува во соопштението на Државниот завод за статистика.
Забележлив пораст на имиграцијата повторно е забележан од Сирија (68.000), Авганистан (55.000) и Турција (49.000).
Истовремено, забавена е имиграцијата од земјите на Европската унија. Најголем број странци од Европската унија во 2022 година пристигнале од Романија (35.000), Полска (18.000) и Бугарија (13.000).
Последната статистика покажува и зголемена миграција во самата Германија.
Најголем прилив на жители е забележан во сојузната покраина Бранденбург, каде што 14.000 лица се преселиле од Берлин (кој е опкружен со Бранденбург), што е поврзано со се повисоките цени на становите во Берлин.
Кога станува збор за преселба во странство, германските граѓани најчесто ги избираат Швајцарија, Австрија и САД.