Во Брисел денеска се очекува поротата да ја донесе пресудата за најсмртоносниот мирновременски напад во Белгија – самоубиствените напади во 2016 година на бриселскиот аеродром и фрекфентната метро станица во кои загинаа 32 лица, а за кои одговорноста ја презеде терористичката група Исламска држава.
Меѓу десетте обвинети е и Салах Абдеслам, кој веќе отслужува доживотна затворска казна без можност за условно ослободување во Франција за неговата улога во терористичките напади во Париз во 2015 година. На осомничените во Брисел им се судеше под обвинение за убиство, обид за убиство и учество во дејствија на терористичка група.
Најголемото судење во историјата на белгиското правосудство се одвиваше повеќе од половина година во специјален суд. Преживеаните и семејствата на жртвите се надеваат дека судењето и пресудата ќе им помогнат да ја надминат траумата.
Во нападите за време на утринскиот шпиц на 22 март 2016 година, на аеродромот Завентем и на централната линија на метрото во Брисел, загинаа 32 лица, речиси 900 беа ранети или претрпеа сериозни психички трауми.