Вилијамс: ОН договори механизам за формирање преодна влада во либија


– Со посредничка улога на Обединетите нации во Женева е договорен механизмот за формирање преодна влада во Либија, што беше главниот спор меѓу завојуваните страни во оваа африканска земја.



Разговорите се обид за постигнување мировен договор меѓу завојуваните страни во Либија, бидејќи претходно сите дипломатски иницијативи не дадоа успех.

Претставничката на ОН за Либија, Стефани Вилијамс, на прес-конференција во Женева кажа  дека членовите на преговарачкиот одбор предложија изборни колеџи во трите региони во Либија да изберат свој претставник за тричлениот претседателски совет. Одборот е дел од либискиот форум за политички дијалог. На форумот ќе биде избран премиерот на Либија.

Меѓутоа, посочи таа на прес конференцијата, може да дојде до ќор-сокак доколку кандидатите не добијат одреден број гласови.

Преодната влада, рече Вилијамс, ќе биде „привремено извршно тело во кое членуваат патриоти од Либија, кои сакаат да ја делат одговорноста, а не тортата“.

Таа додаде дека преодната влада ќе биде одговорна за подготвување на изборите, борба против корупцијата и враќање на јавните служби низ цела Либија.

Либија од 2014 година е поделена меѓу ривалските фракции во Триполи, на запад од земјата,  и Бенгази, на источниот дел.

Меѓународно признаената влада на национално единство во Триполи е поддржана од Турција, додека либиската национална армија на генералот Калифа Хафтар е поддржана од Обединетите Арапски Емирати, Русија и Египет.