(Видео) Протест во Баку поради француската резолуција за Нагорно-Карабах




Група луѓе, граѓани и претставници на повеќе од 40 невладини организации се собраа пред Француската амбасада во главниот град на Азербејџан, Баку, за да ја осудат резолуцијата за признавање на независноста на регионот Нагорно-Карабах, усвоена од Горниот дом на Франција, пренесува азербејџански „Тренд“.

Учесниците на протестот извикуваат слогани „Карабах е Азербејџан!“, „Франција, биди фер!“, „Франција, почитувај го меѓународното право!“, „Франција, излези од ОБСЕ!“

„Додека замижува пред бројните меѓународни злосторства извршени од Ерменија врз Азербејџан, пред теророт и вандализмот врз азербејџански цивили, Франција покажува дволичност и лицемерие пред целиот свет. Резолуцијата на францускиот Сенат насочена кон признавање на т.н. Република Нагорно-Карабах  2 закана за декларацијата да се стави крај на конфликтот во Нагорно-Карабах“, велат учесниците.

„Ние ја осудуваме резолуцијата на францускиот Сенат и бараме нејзино поништување. Бараме прекинување на сите врски со Франција се додека не се поништи резолуцијата. Резолуцијата е голем срам за Франција, која е постојана членка на Советот за безбедност на ОН и копретседавач на Групата Минск на ОБСЕ. Франција мора да се откаже од мандатот на копретседавачот на Групата Минск и од мисијата за медијација“, бараат тие.

На 18 ноември, во Президиумот на францускиот Сенат, група сенатори под влијание на ерменската дијаспора презентираа нацрт-резолуција број 145 „за потребата од признавање на Република Нагорно-Карабах“, за која беше дискутирано и беше усвоена на 25 ноември.

Судирот во Нагорно-Карабах првично започна во февруари 1988 година, кога регионот доминиран од Ерменците прогласи отцепување од Советската Социјалистичка Република Азербејџан. Азербејџан изгуби контрола над самопрогласената република и нејзините соседни области во вооружените судири во периодот 1992-1994 година.Од 1992 година, преговорите за мирно решавање на конфликтот течеа со посредство на Групата Минск, ко-претседавана од Русија, Франција и САД.

Оттогаш, непријателствата во регионот избувнуваа повеќе пати, а последниот конфликт започна во септември. Режимот на прекин на огнот беше воведен од 10 ноември, откако лидерите на Русија, Азербејџан и Ерменија усвоија заедничка изјава за прекин на вооружените борби во Нагорно Карабах на 9 ноември.