Министерството за одбрана на Русија денеска соопшти дека во тек се подготовки за префрлање на тешката воена опрема од паравоената група „Вагнер“ на активните единици на руските Вооружени сили.
Претходно, истражното одделение на руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) објави дека ја прекина кривичната постапка за вооружениот бунт на „Вагнер“ откако беше утврдено дека на 24 јуни нејзините учесници ги прекинаа акциите директно насочени кон извршување на кривично дело.
ФСБ поведе постапка против шефот на „Вагнер“, Евгениј Пригожин за организирање вооружен бунт на 23 јуни, откако припадниците на паравоената група го окупираа седиштето на Јужниот воен округ во Ростов на Дон.
Пригожин истакна дека бунтот бил огранизиран откако руската армија наводно извршила ракетни и бомбашки напади врз задните кампови „Вагнер“.
Изјавата на Пригожин беше демантирана од руското Министерство за одбрана и од ФСБ.
Белорускиот претседател Александар Лукашенко, со одобрение на рускиот колега Владимир Путин, пред три дена преговараше со Пригожин и беше постигнат договор да се запре напредувањето на „Вагнер“.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков истакна дека Пригожин ќе може да замине во Белорусија и дека ќе биде прекината кривичната постапка против него.