Американските пратеници во последен момент спречија блокада на американската влада.
Во Конгресот синоќа се изгласа закон за финансирање на американската Влада, со што во последен момент се спречи очекуваната блокада.
Законот доцна синоќа го поддржаа и демократските и републикански пратеници, и го испратија на одобрување на претседателот на Соединетите Американски Држави (САД) Џо Бајден непосредно пред крајниот рок на полноќ. Бајден стави потпис на законот за привремено финансирање.
Претседателот на Претставничкиот дом, републиканецот Кевин Мекарти ја предложи мерката за привремено финансирање, која беше усвоена од 335 пратеници, а 91 беа против.
После тоа, законот помина во Сенатот, каде мнозинството го сочинуваат демократите. Планирано е администрацијата да се финансира со итни средства во наредните 45 дена, до 17 ноември.