УНИЦЕФ: На децата мигранти во Мексико им се закануваат болести и неухранетост


– Илјадници деца мигранти во импровизиран камп во јужно Мексико се изложени на ризик од неухранетост, болести и одвојување од нивните семејства, предупреди УНИЦЕФ.


 

Во кампот подигнат до фудбалскиот стадион во јужниот мексикански град Тапачулa, илјадници мигранти, меѓу кои многу деца, чекаат одговор на барањето за азил или хуманитарна виза.

Во видео порака, заменик-претставничката на УНИЦЕФ во Мексико Пресија Арифин-Кабо предупреди дека ситуацијата е критична. – Многумина се загрижени поради ширењето на Ковид, рече таа. – Освен тоа, има многу ѓубре, а мигрантите немаат ни пристап до вода за пиење и хигиена, а исто така им недостига и храна.

УНИЦЕФ е особено загрижен поради можноста за разделување на семејствата, а многу семејства по пат ги загубија документите, додаде Арифин-Кабо.

Мексиканските власти се обидоа да го расформираат кампот, кој се наоѓа во близина на границата со Гватемала и почнаа да ги преместуваат мигрантите од Тапачула во други делови на земјата, ветувајќи дека ќе го регулираат нивниот статус.

Според официјалните податоци, околу 40 отсто од 84.600 бегалци кои доаѓаат во Мексико се малолетни.

Многу мигранти се надеваат дека ќе можат да побараат азил во САД, кои минатата недела повторно ги започнаа Протоколите за заштита на мигрантите, според кои барателите на азил мораат да чекаат во Мексико на сослушување од страна на американските имиграциски власти.