Украина го почитува споменот на жртвите од Гладоморот, вештачки организиран од советските власти


Гладомор е геноцид врз украинската нација извршен во 1932-1933 година.  Тој беше извршен од раководството на Советскиот Сојуз со цел да ги потчини Украинците, конечно да го елиминира украинскиот отпор кон режимот и обидите да се изгради самостојна, независна од Москва украинска држава. Во 2006 година, Законот на Украина „За Гладоморот од 1932-1933 година во Украина“ го призна Гладоморот како геноцид врз украинскиот народ. Во 2010 година, пресудата на Апелациониот суд во градот Кијив ја докажа геноцидната природа на Гладоморот, намерата на Сталин, Молотов, Каганович, Постишев, Чубар, Хатаевич и Косиор да уништат дел од украинската нација. Во 1932-1933 година, повеќе од 7 милиони луѓе беа убиени на територијата на СССР и 3 милиони Украинци надвор од неговите граници, во региони кои беа историски населени со Украинци: Кубан, Северен Кавказ, регионот Долна Волга и Казахстан.


 

По поделбата на територијата на Украина во средината на XVII век меѓу Полско-литванската Државна Заедница и Московската империја во текот на следните два века, украинската нација немаше своја државност, поради што трпеше политички, економски, национални и културни угнетувања. Русија вршеше тешка колонизација на Левиот брег на Украина. Моќната русификација, шовинизмот и политиката на поистоветување на Украинците со рускиот народ (идентификување на Украина како дел од Русија – Маларусија) не ја уништија украинската национална свест. Украинците се чувствуваа многу поразлични од Русите и со векови водеа постојана ослободителна борба. Но, дури во 1918 година беше можно да се создаде Украинска Држава – Украинска Народна Република и да се обединат украинските територии.

Во ХХ век, независната Украинска Држава траеше само неколку години, борејќи се со постојано навлегување и мешање во внатрешните работи на земјата однадвор. По третата окупација на украинските земји кои беа дел од Руската империја, руските болшевици воспоставија советска власт со помош на сила и марионетски влади.

Во 1928 година, раководството на СССР објави насоченост кон колективизација – обединување на индивидуални приватни фарми во колективни фарми во државна сопственост. Секој селанец добивал одреден број работни денови, за кои бил платен со природен производ. Меѓутоа, главно работните денови биле толку скудни што на селанецот му ја лишиле можноста да се прехрани себеси и своето семејство. Со оглед на силното чувство на индивидуализам на украинските земјоделци, воведувањето на системот на колективни фарми во Украина предизвика отпор. Затоа, селаните беа насилно прогонувани во колективни фарми преку терор и пропагандна војна со неистомислениците, на кои режимот им закачуваше такви етикети како „кулаци“, „буржоаски националисти“, „контрареволуционери“ и ги уништуваше овие луѓе.

Политиката на советскиот режим предизвика отпор кај украинскиот народ. Историчарите забележале околу 4.000 масовни демонстрации на селаните на почетокот на 1930-тите години против колективизацијата, политиката на оданочувањето, грабежот, теророт и насилството од страна на владините органи.

Чувството за национален идентитет на украинскиот селанец, заедно со неговиот ментален индивидуализам, беше во спротивност со идеологијата на Советскиот Сојуз. Тоа беше основата на украинскиот национализам и претставуваше закана за единството и самото постоење на СССР. Затоа предмет на злосторството геноцид беше украинската нација, за чие слабеење сталинистичкиот тоталитарен режим со геноцид го уништи украинското селанство како специфичен дел од нацијата и извор на неговата духовна и материјална сила.

Сталин, кој го сметаше селанството за основа на националното движење, удри по украинските селани како носители на украинската традиција, култура и јазик. Во 1932 година, за Украина беше воспоставен нереален план за набавка на жито во висина од 356 милиони пудови леб. За да го одобрат овој план, најблиските соработници на Сталин, Каганович и Молотов, пристигнаа во Харков, добро информирани за избувнувањето на глад во првата половина на 1932 година во Украина. Геноцидот беше организиран и извршен преку легализација на насилсните дејства и масовните убиства на Украинците од страна на претставници на владините органи. Ова го потврдуваат околу 400 архивски документи.

На почетокот на 1930-тите години, политиката на колективизација во Украина пропадна. Селаните масовно ги напуштаа колективните фарми и со себе го земаа својот имот: стоката, опремата и заработеното жито. За зачувување на колективните фарми и имотот во рацете на државата, режимот донесе репресивен декрет на 7 август 1932 година, меѓу народот познат како „Законот за петте класови“.

Сталинистичкиот режим го прогласи гладот ​​во Украина за непостоечки феномен и врз основа на тоа ја одби помошта понудена од бројни невладини организации, вклучително и странските украински заедници и Меѓународниот комитет на Црвениот крст.

Во пролетта 1933 година, смртноста во Украина достигна катастрофални размери. Врвот на Гладоморот се паѓа во јуни. Во тоа време секој ден со маченичка смрт умирале 28.000 луѓе, секој час по 1.168 луѓе, а секоја минута по 20 луѓе.

Сето ова се случувало во присуство на големи залихи на жито во централизираните државни резервни фондови и извозот на храна во големи размери. Дејствијата на тоталитарниот режим ја потврдуваат намерата да се уништи дел од украинската нација во одредени временски рокови.

Прашањето за бројот на човечки загуби на Украина од Гладоморот сè уште останува отворено. Повеќето научници се држат до бројката од повеќе од 7 милиони луѓе во Украинската Социјалистичка Советска Република и 3 милиони Украинци во другите региони на СССР: Кубан, Централно-Црноземната област, Поволжје и Казахстан.

Советскиот Сојуз ја убеди меѓународната заедница да не го „гледа“ масовното убиство на Украинците со помош на пропаганда и поткуп на поединечни новинари. Сепак, имаше публицисти кои ја пишуваа вистината. Зачувани се извештаите на амбасадорите, дипломатите. Режимот презеде чекори за да го избрише сеќавањето за убиството на повеќе од 7 милиони Украинци, но сеќавањето на народот е неуништливо, а со независноста на Украина, забраната за зборување за Гладоморот е укината.

Информации за меѓународното признавање на Гладоморот од 1932-1933 година како чин на геноцид врз украинскиот народ и почитување на споменот на жртвите на Гладоморот

Гладоморот од 1932-1933 година во Украина беше признат како геноцид врз украинскиот народ на парламентарно и регионално ниво во Австралија, Канада, Португалија и САД.

На парламентарно ниво – во Грузија, Еквадор, Естонија, Колумбија, Латвија, Литванија, Мексико, Парагвај, Перу, Полска, Унгарија.

На регионално (општинско) ниво, соодветни одлуки се донесени во Аргентина, Бразил, Велика Британија, Шпанија и Италија.

Европскиот парламент го призна Гладоморот како злосторство против украинскиот народ и против човештвото. Соодветната резолуција беше усвоена на 23 октомври 2008 година.

Комитетот за парламентарна соработка меѓу Украина-ЕУ на 20-тото заседание на 14 ноември 2013 година, усвои заедничка Декларација.

Балтичкото собрание (обединување на Естонија, Латвија и Литванија) исто така го призна Гладоморот како геноцид. На 24 ноември 2007 година, на седницата на Собранието беше усвоена Изјавата „За споменот на жртвите на геноцидот и политичката репресија во Украина во 1932-33 година“.

Основниот документ кој ја одразува официјалната позиција на Ватикан е „Компендиум на социјалната доктрина на Црквата“ – документ од теолошка и пасторална природа. Во ставот 506 од Компендиумот се вели: „ХХ век трагично беше обележан со различни геноциди: геноцид на Ерменците, Украинците, Камбоџанците, луѓето во Африка и на Балканскиот полуостров“. Римскиот Папа Франциск во неколку наврати го осудуваше Гладоморот. Конкретно, во ноември 2013 година, завршувајќи ја свечената миса, која се одржа на плоштадот кај Соборниот храм Св. Петар во Рим, тој посебно ја спомена 80-тата годишнина од Гладоморот во Украина и им се обрати на украинските поклоници. Поконкретно, Римскиот Понтиф рече: „Ја поздравувам украинската заедница, која ја одбележува 80-тата годишнина од Гладоморот – Големиот глад предизвикан од советскиот режим, кој предизвика милиони жртви“. Во април 2015 година, Папата Франциск издаде изјава во која ги осуди „трите големи и невидени трагедии“ на ХХ век: истребувањето на Ерменците, злосторствата на нацизмот и комунизмот.

Неговата Сесветост г.г. Вартоломеј упати Послание по повод 75-тата годишнина од Гладоморот во Украина до целиот Божји украински народ (2008) и по повод 84-тата годишнина од Гладоморот во Украина (2017), како и Проповед во сеќавање на жртвите од Гладоморот (2017). На 24 ноември 2018 година, Архиепископот на Константинопол – Нов Рим и Вселенскиот Патријарх г.г. Вартоломеј им се обрати на Украинците по повод 85-тата годишнина од Гладоморот.

Споменот на жртвите на Гладоморот е одбележан во рамките на меѓународните организации, како и од парламентите на голем број држави.

На 07.11.2003 година, беше усвоена Заедничката изјава на делегациите на земјите-членки на ОН за 70-тата годишнина од Гладоморот во Украина 1932-1933 година. Вкупно, изјавата ја поддржаа 65 држави. На иницијатива на Украина, беше отворена за потпишување Декларацијата „За одбележување на 75-тата годишнина од Гладоморот од 1932-1933 година во Украина“ (официјален документ на 63-та сесија на Генералното собрание на ОН), чии коавтори се 32 земји.

На 16.12.2008 година беше усвоена Изјавата по повод 75-тата годишнина од Гладоморот.

На 12.12.2013 година беше усвоена заедничка изјава за 80-тата годишнина од Гладоморот.

На 11.12.2018 година беше усвоена Декларацијата посветена на 85-тата годишнина од Гладоморот.

На 01.11.2007 година, 193 земји едногласно усвоија резолуција на Генералната конференција на УНЕСКО, внесена од Украина во коавторство со 45 земји.

На 30.11.2007 година, украинската делегација во име на 32-те земји-членки на ОБСЕ издаде изјава за 75-тата годишнина од Гладоморот за време на Министерскиот состанок на ОБСЕ во Мадрид. ПС на ОБСЕ ја усвои соодветната резолуција на 03.07.2008 година.

На 28 април 2010 година, Парламентарното собрание на Советот на Европа ја усвои Резолуцијата 1723 (2010) „Оддавање почит на жртвите на големиот глад (Гладоморот) во поранешниот СССР“, признавајќи го Гладоморот како „злосторство на Советскиот режим против сопствениот народ“ и злосторство против човештвото.

Законодавните тела во Шпанија, Чиле, Чешка, Словачка, Андора и Аргентина усвоија резолуции за почитување на споменот на жртвите на Гладоморот.

ГЛАДОМОР – чин на геноцид врз украинскиот народ, резултат на вештачки глад специјално организиран од комунистичкото раководство во 1932-1933 година, во кој загинаа милиони луѓе.

ГЕНОЦИД – намерни злосторства насочени кон целосно или делумно уништување на национални, етнички, расни или верски групи.

Статијата е подготвена од Амбасадата на Украина во Скопје со помош на информативни и фото материјали од Националниот музеј на Голодоморот-геоноцидот