Најмалку две лица загинаа, а едно се води за исчезнато, додека повеќе од 36.000 луѓе се евакуирани поради поплавите што ги донесе тропската бура „Хаикуи“ во кинеската југоисточна крајбрежна провинција Фуџијан, соопштија локалните власти.
Двајца пожарникари загинаа, а еден полицаец се води за исчезнат откако противпожарно возило беше однесено од вода за време на спасувачка мисија, јавија кинеските државни медиуми, пренесе „АП“.
Во Фуџијан, летовите се прекинати, како и училиштата и метрото.
Метеоролозите соопштија дека врнежите ги собориле рекордите во последните 12 години во главниот град на провинцијата Фужоу со 554 милиметри на квадратен метар во вторникот и дека 49 акумулации ги надминале границите за заштита од поплави, објави „Ројтерс“.
Оштетена е електричната мрежа и комуникациската инфраструктура, а поплавени се повеќе од 4.100 хектари земјоделско земјиште, предизвикувајќи штета од 75 милиони долари, објавија кинеските државни медиуми.
На социјалните мрежи беа објавени фотографии од поплавените улици во Фужоу и Фукинг со автомобили заробени во вода.
Врнежи се очекуваат до петок во централните и јужните делови на провинцијата Фуџијан.
Деновиве поплавите предизвикуваат хаос низ цела Европа, најмногу во Грција, Турција и Бугарија.