Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун ја повика севернокорејската армија да биде подготвена да одговори на секоја провокација од непријателот, објавија денеска севернокорејските државни медиуми, откако Пјонгјанг објави дека ќе распореди посилни вооружени сили и ново оружје долж границата со Јужна Кореја.
За време на посетата на командата на воздухопловните сили на Северна Кореја на Денот на воздухопловците, Ким презентираше упатства за подобрување на борбените способности на војската, објави новинската агенција KCNA.
Ким наведе оперативни и тактички мерки за да се спротивстави на, како што вели, „секаква воена провокација и закана на непријателот веднаш и насилно“, според КЦНА, пренесе Ројтерс.
Севернокорејскиот лидер потоа присуствуваше на демонстративен лет на воздухопловните сили. На фотографиите објавени од државните медиуми се гледаат Ким и неговата
ќерка, облечени во долги кожени јакни, гледајќи го авионот како полетува.
Ким ги пофали воздухопловните сили за, како што рече, „целосната подготвеност за извршување на борбената мисија“ под сите услови. Тензиите на Корејскиот полуостров се зголемија откако Северна Кореја лансираше воен сателит во орбитата минатиот месец, што ја натера Јужна Кореја да ја суспендира клучната клаузула од меѓукорејскиот воен договор од 2018 година.
Пјонгјанг оттогаш објави дека повеќе не е обврзан со договорот. САД и нивните сојузници остро го осудија лансирањето на првиот воен сателит на Северна Кореја во орбитата како кршење на резолуциите на Советот за безбедност на Обединетите нации.
Пјонгјанг, сепак, најави дека ќе лансира уште воени сателити. Во четвртокот, САД воведоа нови санкции кон Северна Кореја поради лансирање сателит. Јужна Кореја исто така воведе санкции кон Северна Кореја.