Телефонски разговор на Бенет со Путин, првпат откако стана премиер на Израел


Израелскиот премиер Нафтали Бенет денеска телефонски разговараше со рускиот претседател Владимир Путин, првпат откако положи заклетва на 13 јуни, јавија израелските медиуми.
Кабинетот на Бенет соопшти дека двајцата лидери разговарале за безбедносни и политички прашања и дека најмногу се фокусирале на враќање на посмртните останки на двајца израелски војници и двајца израелски цивили што ги држи исламискиот екстремистички Хамас, кој владее во Газа.
Бенет исто така му се заблагодарил на рускиот претседател за улогата на неговата земја во одржувањето на регионалната стабилност.
Новиот израелски премиер рече дека ја цени историската врска меѓу двете нации и дека придава големо значење на имиграцијата на Евреите од Русија во еврејската држава, што, според него, претставува мост меѓу двете земји.
Путин и Бенет се договориле да се состанат наскоро, а израелските медиуми потсетуваат дека со години на дневен ред на разговоите меѓу Израел и Русија била израелската загриженост дека Иран ќе се зацврсти воено во соседна Сирија, каде руските воени сили му помагаат на сирискиот претседател Башар Асад и напорите на израелските трупи во регионот да го спречат тоа.
Москва сака координација со Израел за да не се случи израелската активност во Сирија да ги наруши нејзините интереси во регионот.