Светските цени на храната во февруари пораснаа деветти месец по ред


Објавен тендерот за извршување консултантски услуги за консолидација на земјиште во битолско Егри - МИА

– Светските цени на храната продолжија да галопираат во февруари деветти месец по ред, достигнувајќи го највисокото ниво од јули 2014 година, предводени од поскапувањето на шеќерот и растителни масла, соопшти денеска Агенцијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО).


 

Индексот на цените на храната на ФАО, кој го следи месечното движење на глобалните цени на житарките, маслото, млечните производи, месото и шеќерот, во просек минатиот месец изнесуваше 116 поени, што е за 2,4 проценти повеќе од јануари, се вели во извештајот објавен на официјалната веб-страница на оваа светска организација.

Во споредба со февруари 2020 година, светските цени на храната скокнаа за 26,5 проценти.

Цената на шеќерот се зголеми за 6,4 проценти од јануари, бидејќи намалувањето на производството во водечките земји производители и големата побарувачка за увоз во Азија дополнително ги разгореа стравувањата од потенцијален недостиг на понуда. Очекуваното закрепнување на производството во Тајланд и подобриот принос на шеќерна трска во Индија го ограничија поголемиот раст на цената на оваа намирница.

Растителните во февруари поскапеа за 6,2 проценти, достигнувајќи го највисокото ниво од април 2012 година. Скок на цените има и кај сите видови растителни масла – од палма, соја, репка и сончоглед, според извештајот на ФАО.

Цените на млечните производи се зголемија за 1,7 проценти на месечно ниво, најмногу поради растот на меѓународните извозни квоти на путер, како резултат на големиот кинески увоз и ограничената испорака од Западна Европа. Сирењето, од друга страна, стана делумно поевтино поради големите резерви во САД.

Житарките во просек беа поскапи за 1,2 проценти во февруари отколку во јануари. Цените на просото скокнаа за 17,4 проценти за еден месец, под влијание на постојано силната побарувачка од Кина. Меѓународните цени на пченката, пченицата и оризот беа генерално стабилни или малку зголемени.

Во февруари, во корпата за храна на ФАО најмногу се зголеми цената на месото, за 0,6 проценти, главно како резултат на малку помалите испораки на говедско и овчо месо од главните производствени региони. Наспроти ова, цените на свинското месо паднаа бидејќи Кина ги намали набавките поради големите резерви, како и зголемувањето на непродадените свињи во Германија предизвикано од продолжувањето на забраната за извоз на азиските пазари.

Светската организација за храна, со седиште во Рим, исто така соопшти дека светскиот род на житарки во 2020 година е на пат да забележи годишен рекорд, додавајќи дека прелиминарните индикатори укажуваат на понатамошен раст на производството оваа година.