Суданските паравоени сили за брза поддршка, познати како РСФ, нема да се повлечат „додека не го запрат воениот удар“, изјави денеска нивниот лидер.
Мохамед Хамдан Дагало, познат како Хемедти, ова го изјави во аудио порака објавена на Фејсбук профилот на РСФ.
Аудио пораката РСФ ја објави денеска, но не е познато кога е снимена.
Претходно денеска суданската армија изврши воздушни напади врз позициите на ривалската РСФ во главниот град Картум, со цел да заземе подобри позиции пред стапувањето во сила на еднонеделниот прекин на огнот за непречена испорака на хуманитарна помош, соопштија локални медиуми.
Војската и вчера вршеше воздушни напади, насочени кон возила на мобилната единица на ривалската фракција во станбените области на Картум. Завојуваните страни најавија дека ќе го почитуваат примирјето кое ќе започне вечерва во 21:45 часот по локално време. Иако борбените операции не беа прекинати за време на претходно договорените прекини на огнот, ова е прво примирје што е формално договорено за време на преговорите.
Договорот за прекин на огнот вклучува механизам за мониторинг кој ќе вклучува претставници на суданската армија и РСФ, како и претставници на Саудиска Арабија и САД, посредници во договорот меѓу двете страни постигнат минатата недела во Џеда.
Договорот поттикна надеж дека вооружениот конфликт ќе заврши, што принуди речиси 1,1 милион Суданци да ги напуштат своите домови, а повеќе од 250.000 во соседните земји, заканувајќи се дополнително да го дестабилизира и онака нестабилниот регион.