Суд забрани антирасистички протест во Сиднеј


Суд забрани антирасистички протест во Сиднеј - МИА

Сиднеј, 5 јуни 2020 () – Австралиски суд забрани протест против полициска бруталност и расизам во Сиднеј, планиран за утре, истакнувајќи дека претставува здравствен ризик поради епидемијата на коронавирусот.


 

Судска забрана за протестот побара полицијата на Нов Јужен Велс, а се очекуваше илјадници луѓе да се соберат во знак на солидарност со демонстрантите во САД кои протестираат поради смртта на Џорџ Флојд при полициското апсење.

Организаторите истакнаа дека се решени да одржат протест, јави Би-Би-Си.

Австралискиот премиер Скот Морисон го критикуваше планот за одржување на протестот и рече: „Не одете“.

– Ајде да најдеме друг начин да ги изразиме своите чувства, а не да го ризикуваме нашето здравје и здравјето на другите, истакна Морисон.

Демонстрации веќе се одржаа во други градови, вклучувајќи ги Бризбејн, Перт и Канбера, и се фокусираа на загрозување на правата на Абориџините во Австралија и непропорционалниот број на црнци во затворите во земјата.

Полицијата во Мелбурн ги повика луѓето да не учествуваат, заканувајќи се со казни, додека организаторите во Бризбејн и Аделаид добија дозвола.

Во Австралија, која пријави околу 7.200 случаи на коронавирусот, кривата е рамна од април и нема локална трансмисија повеќе од една недела.