Суд во Белгија и даде рок од 30 дена на Владата да ги укине анти-ковид мерките


Суд во Брисел и наложи на белгиската Влада да ги укине сите рестриктивни мерки за коронавирус во рок од 30 дена, потврди за ДПА Министерството за внатрешни работи.


 

Владата ризикува дневна казна од 5.000 евра доколку не се придржува до наредбата, која беше изречена денеска, соопштија неколку белгиски медиуми. Сепак, казната е ограничена на вкупно 200 илјади евра.

Министерката за внатрешни работи Анели Верлинден најави дека одлуката ќе биде обжалена.

Случајот го покрена организацијата Лига за човекови права, која тврдеше дека нема правна основа за мерките, поради што министерските наредби со кои се утврдуваат ограничувањата се нелегални.

Белгија воведе ноќен полициски час и ги затвори сите несуштински продавници, освен со закажување, како дел од нејзините напори за контрола на пандемијата. Сите патувања надвор од земјата се забранети, освен за работа или грижа за член на семејство во странство.