Столтенберг на средба со министрите за надворешни работи од Глобалната коалиција против ИД


Столтенберг на средба со министрите за надворешни работи од Глобалната коалиција против ИД - МИА

Брисел, 4 јуни 2020 () –  Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг денеска, преку видео врска, се обрати пред министрите за надворешни работи од Глобалната коалиција за пораз на терористичката Исламска држава и порача дека и покрај напредокот, заканата од тероризам останува.



– Постигнавме огромен напредок. Даеш ја изгуби контролата врз териториите што некогаш ги имаше, но заканата од тероризам останува , рече генералниот секретар. – Токму затоа НАТО продолжува да ја поддржува меѓународната борба против тероризмот и е подготвено да ги засили своите напори. Во февруари, министрите за одбрана од НАТО донесоа одлука да ја зајакнат мисијата на НАТО во Ирак, а се согласија и да разгледаат што може да направи повеќе НАТО во поширокиот регион на Блискиот исток, потенцираше Столтенберг. Тој истакна дека Алијансата останува посветена на тие одлуки.

– Ковид-19 и безбедносната состојба влијаат врз нашите операции, па и мисијата за обука и советување на НАТО е делумно паузирана, но сега ги обновуваме нашите капацитети и активности, рече генералниот секретар пред 35 министри за надворешни работи.

– Одиме напред, нашата цел останува иста: градење самоодржливи ирачки безбедносни сили, способни да го спречат враќањето на Исламска држава, да ја стабилизираат нивната земја и да се борат против тероризмот , рече Столтенберг.

Тој, воедно ја истакна важноста да се оди напред во тесна координација и консултација со Глобалната коалиција и ирачката Влада.