Столтенберг: Договорите за забрана на вооружување не функционираат



Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, денеска изјави дека меѓународниот договор за забрана на нуклеарно оружје нема да функционира затоа што нема механизам за верификација.


 

Тој на отворањето на 16-тата конференција на НАТО за оружје за масовно уништување, контрола на оружјето, разоружување и непрофилерација во Букурешт рече дека е свесен дека многумина сметаат оти договорот за забрана на оружје е алтернативно решение за елиминација на целото нуклеарно оружје, но дека тоа не е така.

– На прв поглед, се чини привлечно, но реалноста е дека нема да успее. Договорот за забрана нема механизам што ќе обезбеди балансирано намалување на оружјето и механизам за верификација. Покрај тоа, тој не беше потпишан од ниту една држава што поседува нуклеарно оружје, оцени Столтенберг.

Како што рече, свет во кој Русија, Кина, Северна Кореја имаат нуклеарно оружје, а НАТО нема, не е побезбеден свет и тврди дека ќе не остави ранливи на притисоци и напади.

Тој објасни дека само тие три земји имаат нуклеарно оружје и дека сите сојузници на НАТО имаат корист од безбедносните гаранции што ги даваат.

Столтенберг го поздрави дијалогот меѓу САД и Русија, двете големи нуклеарни сили, додавајќи дека Кина треба да ја игра својата улога во преговорите.

– За жал, Пекинг досега одбиваше да се приклучува на какви било преговори, а загрижува и недостигот на транспарентност на земјата за нејзините нуклеарни можности и намери. На крајот, уверен сум дека Кина, како и остатокот од светот, ќе има корист од режимот на контрола на вооружување, кој ќе го ограничи бројот на нуклеарни оружја, истакна Столтенберг.

Тој на крајот потенцираше дека бројот на нуклеарно оружје е намален за 90 проценти во последните 30 години, но дека овој вид оружје сè уште има витална улога во одржувањето на мирот.