Според Лондон и Берлин Белата куќа ќе одлучи за евентуална испорака на авиони Ф-16 на Украина

london-berlin
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Министрите за одбрана на Велика Британија и Германија денеска во Берлин изјавија дека Белата куќа треба да одлучи за евентуална испорака на борбени авиони Ф-16 на Украина.

„Немаме Ф-16 и нема да испорачуваме авиони Тајфун, но очигледно дека можеме да придонесеме за обука и поддршка, но во лимитирани граници бидејќи немаме пилоти за Ф-16“, изјави британскиот министер за одбрана Бен Волас во Берлин на заедничката прес-конференција со германскиот колега Борис Писториус.


Волас одговараше на прашање за „меѓународната коалиција“ предложена од Лондон за снабдување на Украина со борбени авиони од западна технологија.

Според него, таквата коалиција е „политичка поддршка“ и „сигнал за Русија“ да нема забелешки да и се обезбеди на Украина она што и е потребно.

Британските власти претходно најавија дека имаат намера наскоро да обучат украински пилоти.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски со месеци бара од своите западни сојузници да му обезбедат авиони кои ќе и овозможат на украинската армија длабински да ги нападне руските сили, додавајќи дека сепак тоа не претставува „волшебно решение“ за војната.

– Не можеме да играме активна улога во таков сојуз, во таква коалиција, бидејќи немаме ниту капацитети за обука, ниту вештини, ниту тие авиони, истакна германскиот министер.

Писториус додаде дека, колку што знае, Белата куќа треба да одлучи дали ќе бидат испорачани борбените авиони Ф-16 и дека тоа „не е прашање што ќе се реши во Берлин“.

Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска на самитот на Советот на Европа во Рејкјавик изјави дека не добил „барања“ за испорака на борбени авиони.

– Германската влада се фокусира на тенкови, муниција, противвоздушна одбрана и воспоставување „систем за поправка на вооружувањето, додаде Шолц.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK