Советот на ЕУ за Украина: Европската безбедност е неделива


– Советот на ЕУ денеска соопшти дека усвоил заклучоци за европската безбедносна ситуација во кои се наведува дека европската безбедност е неделива и дека секое оспорување на европскиот безбедносен поредок влијае врз безбедноста на ЕУ и нејзините земји-членки.


 

Во своите заклучоци, Советот ги осудува континуираните агресивни дејствија и закани на Русија кон Украина и ја повикува Русија на деескалација, да се придржува до меѓународното право и да се вклучи конструктивно во дијалог преку воспоставените меѓународни механизми.

Во соопштението на Советот се потсетува на изјавата на шефовите на држави и влади на ЕУ на состанокот на Европскиот совет во декември 2021 година дека секоја натамошна воена агресија на Русија против Украина ќе предизвика огромни последици и сериозни трошоци.

ЕУ уште еднаш ја потврдува својата непоколеблива поддршка за независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина и другите партнери од источното соседство во рамките на нивните меѓународно признати граници и ја повикува Русија повторно да се вклучи конструктивно во постојните меѓународни рамки за одржливо и мирно решавање на конфликти, наведе Советот на ЕУ со своето соопштение по седницата.

Советот го потврдува унифицираниот пристап на ЕУ и постојната силна соработка и координација со САД, НАТО, Украина и другите земји партнери и ја повторува важноста од натамошното зајакнување на отпорноста и способноста на ЕУ и нејзините блиски партнери, вклучувајќи го и спротивставувањето на кибер и хибридните напади, манипулирање со информации и мешање, вклучувајќи ги и дезинформациите, се додава во соопштението од денешната средба на министрите за надворешни работи на ЕУ.