Снежна бура ја погоди Германија, 28 повредени во сообраќајни несреќи



ript>

–  Снежна бура со силен ветер ги погоди денеска северот и западот на Германија и доведе до стотици сообраќајни несреќи и застој во железничкиот сообраќај.


 

Полицијата соопшти дека 28 лица се повредени, од кои две потешко, во несреќи на замрзнати коловози.

Властите во провинцијата Северна Рајна-Вестфалија утрово соопштија дека од вчера попладне регистрирале 222 сообраќајни несреќи поради лоши временски услови.

Поради температурите под нулата, властите ги сместија бездомниците во топли засолништа.

Германската железница Дојче Бан информира дека се откажани возовите од Хамбург до Хановер и од Берлин кон западот на земјата. Некои поаѓања, што ги поврзуваат источните градови, исто така беа откажани, иако најголем дел од снегот падна во северозападниот дел на земјата.

Меѓу најтешко погодените места е градот Минстер, каде има толку многу снег на улиците што дури и амбулантни возила не можат да поминат, па затоа е прекинат целиот јавен превоз. Наврнаа над 30 сантиметри снег, а денеска се очекуваат нови врнежи од снег.

Во Вупертал, на западот на Германија, пожарникарите спасија шест патници од таканареченото „висечко метро“, знаменитост на тој град, откако композицијата запрела поради мразот на шините. Пожарникарите се качиле со скала до метрото и им помогнале на патниците да слезат на земја, јави агенцијата ДПА.

Снег падна и во поголемиот дел од Холандија, поради што железничкиот сообраќај е прекинат, додека аеродромот Шипхол во Амстердам ги предупреди патниците за можни доцнења на летовите.