Силна експлозија во Авганистан, загинаа најмалку 30 и повредени околу 60 лица


Најмалку 30 лица загинаа, а околу 60 се повредени при експлозија на бомба во источната авганистанска провинција Логар, објави 1ТВ, повикувајќи се на локалните власти.


 

Инцидентот се случил во главниот град на регионот, Пол-е Алам. Досега никој од локалните групи не презеде одговорност за нападот.

Како што изјавија очевидци, автомобил-бомба експлодира во близина на Централната болница. Целта на нападот била зграда, каде престојуваат цивили и војници. Експлозијата била толку силна што ги искршила прозорците на куќите во радиус од неколку километри.

Медиуми објавија дека полицијата пријавила шестмина загинати, но десетици луѓе се наоѓаат под урнатините.

Експлозијата одекна еден ден по почетокот на повлекувањето на американските трупи од Авганистан. Пентагон истакна дека овој процес ќе продолжи етапно и безбедно, без брзање.

Бундесверот денеска започна со повлекување на опрема и трупи од Авганистан. Ова го објави германското Министерство за одбрана.

– Нашата задача е завршена. Повлекувањето на војниците и опремата започнува денеска. Од повеќенаменски хеликоптери до подвижни кранови – сè се транспортира во Германија, соопшти Министерството.

Првата фаза вклучува повлекување на 123 единици опрема. Германскиот контингент во Авганистан брои околу 1.000 војници – главно воени инструктори. Повлекувањето се очекува да трае до септември.

Воената операција на САД и нивните сојузници во НАТО започна во Авганистан во 2001 година.