Шведска ќе му дозволи на НАТО да распореди војници на нејзина територија дури и пред официјално да се приклучи на Алијансата, изјавија денеска премиерот Улф Кристерсон и министерот за одбрана Пал Јонсон.
Минатата година Шведска поднесе барање за влез во НАТО поради рускиот напад врз Украина, но Турција и Унгарија го одложија нејзиниот прием.
„Владата одлучи дека шведските вооружени сили можат да спроведуваат подготовки со НАТО и земјите-членки за да овозможат идни заеднички операции. Подготовките може да се состојат од привремено сместување на странска опрема и персонал на територијата на Шведска“, соопштија шведските власти.
„Оваа одлука испраќа јасен сигнал до Русија и ја зајакнува одбраната на Шведска“, изјавија Кристерсон и Јонсон за шведските медиуми.
Тие оценија дека Русија останува закана за соседните земји во наредниот период и додадоа дека не се сигурни до каде се територијалните амбиции на рускиот претседател Владимир Путин.
Финска, која аплицираше за членство во Алијансата заедно со Шведска и споделува долга граница со Русија, се приклучи на НАТО во април, годинава.