Швајцарија одлучува на референдум за истополови бракови



– Швајцарците утре на референдум ќе одлучат дали да се дозволат истополови бракови во оваа алпска земја. Таа е едно од ретките држави во Западна Европа каде истополовите двојки се уште немаат право на легален брак.


 

Швајцарија во 2007 година дозволи граѓанска заедница од ист пол. Владата, која го поддржува референдумот „Брак за сите“, вели дека евентуалното одобрување на предложените измени ќе го изедначи правниот статус на истополовите двојки со оној на хетеросексуалците, што ќе им овозможи да посвојуваат деца, како и да му се овозможи на еден од брачните другари, доколку е странец, да аплицира за швајцарско државјанство.

Противниците на предложените измени тврдат дека замената граѓанска заедница на двојки од ист пол со право на легален брак, на некој начин ќе ги поткопа темелите на традиционалното семејство, засновано на заедница помеѓу маж и жена.

Според анкетите, се очекува референдумот на биде успешен, кој исто така ќе им овозможи на двојките лезбејки да пристапат до донирана сперма. Неодамнешните анкети на јавното мислење покажуваат дека измените имаат поддршка од 60 проценти граѓани, но разликата се намалува со приближувањето на денот на референдумот.