Шпанската Влада претстави закон за борба против трговијата со луѓе

pilar lop

Шпанската Влада денеска претстави нов закон за борба против трговијата со луѓе, кој има за цел да понуди подобра заштита на економски ранливите мигранти во канџите на меѓународните криминални синџири.

– Новата регулатива е дизајнирана да им помогне на жртвите на разни видови трговија со луѓе, од сексуална експлоатација и принудна работа до оние кои се цел на нелегални продавачи на човечки органи, присилни бракови и други криминални активности, изјави шпанската министерка за правда Пилар Лоп. – Кога судот ќе го акредитира статусот на едно лице како потенцијална жртва, тоа лице ќе добие персонализирана и бесплатна правна помош и можност да побара економска и помош за домување, рече Лоп.

Националната полиција ќе има нова канцеларија за надзор, посветена на жртвите на трговија со луѓе. Шпанското Министерство за внатрешни работи објави дека во 2021 година, шпанската полиција ослободила повеќе од 1.000 жртви од синџирите на експлоатација на луѓе.

Според новиот закон, потенцијалната жртва може да побара помош без да мора да ги обвини луѓето кои стојат зад рекетот. Ова има за цел да го намали стравот од одмазда на криминалците, како и да ја намали загриженоста дека илегалните мигранти може да имаат проблеми со имиграциските власти.

– Нема ништо поважно од заштита на најранливите луѓе. Ова е етичка и демократска обврска од прв ред, рече Лоп на прес-конференција во Мадрид.

Лоп посочи дека законот најверојатно ќе биде изменет пред конечно да биде изгласан од шпанскиот парламент.

Facebook
Twitter
LinkedIn