– Германскиот канцелар Олаф Шолц, во интервју за регионалниот весник „Тирингер Алгемајне“, отфрли каква било форма на соработка, било на локално, државно или национално ниво, со екстремно десничарската партија Алтернатива за Германија (AfD), јави ДПА.
-Не може и не смее да има никаква соработка со оваа партија, изјави Шолц за весникот, во написот што беше објавен вчера.
Неговите коментари доаѓаат по неодамнешното телевизиско интервју со Фридрих Мерц, лидерот на конзервативната партија Христијанско-демократска унија (ЦДУ), во кое тој посочи дека ЦДУ би можела да соработува со АфД во локалната политика.
-Ниту во општините не гледам причина за соработка, изјави германскиот канцелар, пренесува ДПА.
„Кој сака да се изгради дневен центар може самиот да даде таков предлог. За тоа не му треба екстремно десничарска партија“, додаде канцеларот.
Мерц, во интервјуто за германскиот јавен радиодифузер ЗДФ, кажа дека неговата партија мора да ги признае изборните успеси на АфД, но додаде „во локалните парламенти, мораме да бараме начини за заеднички да го обликуваме градот, државата, областа“.
Ова резултираше со жестоки критики од надвор и од внатре во партијата, особено што ЦДУ усвои резолуција во 2018 година во која се вели дека нема да соработува ниту со левичарската партија Левица, ниту со АфД.
Шолц беше прашан дали е проблем ситуацијата во покраинскиот парламент на Тирингија, каде што АфД има силна поддршка и неодамна за првпат победи на изборите за окружниот совет.
-Вистинскиот проблем е што АфД добива толку голема поддршка – од гласачите кои ги поддржуваат екстремистичките цели на партијата, но и од оние кои всушност ги сметаат овие цели погрешни, но сакаат да ја изразат својата загриженост или да протестираат со својот глас, рече Шолц.
„Целта мора да биде да се вратат овие гласачи“, додаде канцеларот Шолц во интервјуто за весникот „Тирингија Алгемајне“.