Германскиот канцелар Олаф Шолц му вети на Киев нов систем за воздушна одбрана „Патриот“ за претстојните зимски месеци по вчерашната средба во Шпанија со украинскиот претседател Володимир Зеленски. Зајакнувањето на украинската воздушна одбрана со системот Патриот сега е најпотребно, изјави Шолц за новинарите на маргините на самитот на европските лидери во Гранада.
Во пресрет на состанокот, Зеленски ја истакна важноста од зајакнување на противвоздушната одбрана на Украина пред она што се очекува да биде уште една сурова зима. Украина очекува руски ракети и беспилотни летала повторно да ја нападнат нејзината енергетска мрежа.
„Благодарен сум за поддршката на Германија во одбраната на нашата слобода и народ. Ова е истовремено и одбрана на Европа и нашите заеднички вредности“, напиша Зеленски на X, поранешен Твитер, по средбата со Шолц.
Во април, Германија, Холандија и САД го предадоа системот Патриот на Украина. Германија испорача уште два лансери „Патриот“ во август.