Жозеп Борел – шефот на европската дипломатија, објави остра изјава во која нагласи дека е ужаснат од бројот на жртвите од израелскиот воздушен напад во бегалскиот камп Џабалија во северниот дел на Газа, додавајќи дека „законите на војната и хуманоста секогаш мора да се применуваат“.
Во објавата на социјалните мрежи, тој напиша: „Следејќи ја јасната позиција на Советот на ЕУ дека Израел има право да се брани во согласност со меѓународното хуманитарно право и обезбедувајќи заштита на сите цивили, јас сум ужаснат од големиот број жртви по израелското бомбардирање на бегалскиот камп Џабалија“.
„Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш потсети дека меѓународното хуманитарно право не може да се применува селективно, вклучувајќи ги принципите на дистинкција, пропорционалност и претпазливост. Правото на самоодбрана секогаш треба да биде избалансирано со обврската да се поштедат цивилите во најголема можна мера“, рече Борел.
„Законите на војната и хуманоста мора секогаш да се применуваат, вклучително и кога станува збор за хуманитарната помош. Со оглед на трагедијата што се случува во Газа, Европската унија од минатата недела повикува на хуманитарни коридори и паузи за хуманитарни потреби, а како што ситуацијата станува се пострашна, ова е поитно од кога било. Безбедноста и заштитата на цивилите не е само морална туку и законска обврска“, заклучи шефот на дипломатијата на ЕУ.
Палестинските здравствени власти соопштија дека најмалку 50 Палестинци биле убиени кога израелските воздушни напади го погодиле густо населениот бегалски камп Џабалија во северниот дел на Газа. Израел соопшти дека во нападот бил убиен водачот на минатомесечниот смртоносен напад на Хамас врз Израел.
Лидерите на ЕУ минатата недела повикаа на паузи во израелските бомбардирања и ракетните напади на Хамас за да се овозможи хуманитарната помош да стигне до Газа преку безбедните коридори, нагласувајќи ја нивната длабока загриженост поради влошувањето на хуманитарната ситуација во областа.
ООН и други хуманитарни претставници изјавија дека цивилите во опколената палестинска енклава се соочуваат со катастрофа во јавното здравје. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ги отфрли меѓународните повици за „хуманитарна пауза“ во борбите, велејќи дека Хамас ќе го искористи секој прекин на огнот во своја полза.