СБ го одобри именувањето на Јан Кубиш за специјален претставник на ОН во Либија


– Советот за безбедност на Обединети нации синоќа го именува словачкиот дипломат Јан Кубиш за специјален претставник на ОН за Либија, речиси една година откако се повлече претходниот претставник Ганшан Саламе.



Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш го предложи Кубиш за наследник на Саламе, кој во март минатата година ја напушти функцијата поради стрес, а должноста ја извршува неговата заменичка Стефани Вилијамс.

Кубиш е поранешен словачки министер за надворешни работи, а во моментот е специјален координатор на ОН за Либан, а беше специјален пратеник на ОН во Авганистан и во Ирак.

Именувањето на Кубиш уследи откако СБ во декември го оодобри планот на Гутереш за именување на бугарскиот дипломат Николај Младенов за специјален пратеник во Либија. Но, Младенов една недела подоцна изјави дека не може да ја преземе функцијата поради „личнии и семејни причини“.

Во Либија има две Влади, кои се борат за превласт и покрај постигнатото примирје во октомври минатата година со посредство на ОН.Судирите во Либија почнаа во 2011 година, кога во граѓанската војна беше соборен долгогодишниот лидер Моамер Гадафи, кој подоцна беше убиен. Оттогаш две ривалски групи се борат за превласт.

Силите на генерал Калифа Хафтар во април 2019 година покренаа офанзива за заземање на Триполи, но меѓународно признатата Влада возврати. Меѓународно признаената Влада на Фајез ал Сараџ, со седиште во Триполи контролира помал дел од територијата, додека седиштето на Хафтар е во Тобрук и тој контролира поголем дел од земјата, а има контрола и врз нафтените полиња.

Владата во Триполи е признаена од ОН,а има и поддршка од Турција и од Катар, силите на Хафтарт имаат поддршка од Обединети Арапски Емирати, Јордан, Египет и Русија. Во судирите во Либија учествуваа и голем број странски борци од Сирија, Судан и од Чад.