Санофи ќе произведе 125 милиони дози од вакцината на Фајзер


– Францускиот производител на лекови „Санофи“ денеска потврди дека ќе помогне во производство на 125 милиони дози вакцина против коронавирус развиена од нејзините конкуренти „Фајзер/Бионтек“, додека сопствената програма за развој на вакцина против Ковид-19 ќе ја одложи.
Германскиот „Бионтек“ произведува вакцини во фабриките на компанијата „Санофи“ во Франкфурт од летото, се вели во соопштението на „Санофи“, во кое не се соопштуваат финансиските детали за договорот.
– Ние сме свесни дека колку порано дозите на постоечката вакцина се достапни, толку повеќе животи потенцијално ќе се спасат, изјави извршниот директор на „Санофи“, Пол Хадсон.
Како што пренесуваат странските агенции, француската Влада врши притисок врз „Санофи“ да ги искористи своите капацитети за да им помогне на своите конкуренти да ги направат вакцините, имајќи ја предвид големата побарувачка и проблемите со залихи на неколку веќе достапни вакцини.
Минатиот месец, „Санофи“ и британската „ГлаксоСмитКлајн“ објавија дека вакцината против Ковид-19, која ја развиваат заедно, покажала недоволен имунолошки одговор кај постарите лица, поради што го одложија нејзиното пуштање на пазарот за крајот на оваа година.