САД со санкции за раководни лица на иранските безбедносни сили и на полицијата за морал


 Соединетите Американски Држави денеска ја осудија бруталноста на иранската полиција за морал, обвинувајќи ја за насилство врз жените и посочувајќи ги безбедносните сили во земјата директно одговорни за смртта на 22-годишната Махса Амини.

 

 

Американското Министерство за финансии соопшти дека ќе санкционира седум високопоставени ирански воени и полициски службеници, вклучувајќи го и шефот на копнените оружени сили на Иран и шефот на полицијата за морал.

„Махса Амини беше храбра жена чија смрт во полицискиот притвор е уште еден чин на бруталност на безбедносните сили на иранскиот режим против сопствениот народ“, рече секретарката Џенет Јелен.

„Најостро го осудуваме тој бесмислен чин и ја повикуваме иранската Влада да го прекине насилството врз жените и континуираното насилно сузбивање на слободата на изразување и собирање“, додаде таа.

Демонстрантите во Техеран и другите ирански градови и денеска опожаруваа полициски станици и возила, а протестите предизвикани од смртта на Амина не стивнуваат. Светските агенции јавуваат за напади врз припадници на безбедносните сили.

Невладината организација за човекови права во Иран денеска соопшти дека во протестите загинале најмалку 31 цивил.

Незадоволните Иранци излегоа на улица поради смртта на младата Амини. Таа почина во притвор откако беше уапсена од посебната иранска полиција за морал поради наводно непочитување на правилото за носење хиџаб.