САД „остро“ го критикуваат Израел во врска со населувањето на Западниот Брег


– Соединетите Американски Држави првпат остро го критикуваа Израел поради најавата за изградба на повеќе од 1.000 нови станови на окупираниот Западен Брег.


 

– Ние сме длабоко загрижени за планот на израелската влада. Силно се спротивставуваме на проширувањето на населбата, што е целосно спротивно на напорите за намалување на тензиите и гарантирање на мирот и им штети на изгледите за решение по принципот на две држави, израелската и палестинската, изјави портпаролот на американската дипломатија Нед Прајс.

Израел ќе изгради 1.355 нови станови во седум еврејски населби на окупираниот Западен Брег, соопшти во неделата Министерството за градежништво, а палестинските власти веднаш ја осудија одлуката. Властите треба да предложат и изградба на дополнителни 3.000 станови.

Прајс исто така рече дека секој обид за ретроактивно легализирање на нелегалните населби е неприфатлив, додавајќи дека тие ставови директно им ги пренеле високи американски функционери на израелските колеги.

Тоа е еден од најострите ставови на САД во однос на израелското населување на палестинските територии откако претседателот Џо Бајден влезе во Белата куќа на почетокот на оваа година.