Претседателот на Украина, Володимир Зеленски ќе ја посети Турција и ќе се сретне со претседателот Реџеп Тајип Ердоган пред Самитот на НАТО во Вилнус, објави денеска турскиот весник „Сабах“.
Според весникот, средбата ќе биде во Истанбул, но сè уште не е прецизиран датумот.
Меѓу главните теми на разговорите се очекува да биде и прашањето поврзано со Договорот за извоз на жито од украинските пристаништа, кој истекува на 17 јули.
Ердоган е меѓу лидерите, кои најмногу се сретнале и со рускиот претседател Владимир Путин и со шефот на украинската држава Володимир Зеленски, наведува „Сабах“.
Весникот додава и дека „Турција, која се обидува да има посредничка улога во конфликтот меѓу Русија и Украина, продолжува да инсистира на прекин на огнот меѓу земјите што е можно поскоро“ се додава во изданието.
Самитот на НАТО во Вилнус ќе се одржи на 11 и 12 јули.