Русија ќе го продолжи доброволното намалување на резервите на нафта за 300.000 барели дневно, што беше претходно планирано до септември, до крајот на годината, изјави вицепремиерот Александар Новак, а пренесе агенцијата ТАСС.
„Русија ќе го продолжи дополнителното доброволно намалување на испораките на нафта на светските пазари за 300.000 барели дневно до крајот на декември 2023 година“, рече тој.
Одлуката за продолжување на намалувањето на резервите на нафта наменети за извоз „е насочена кон зајакнување на мерките на претпазливост на ОПЕК + со цел да се одржи стабилноста и рамнотежата на нафтениот пазар“, додаде Новак.
Инаку, Русија во март почна доброволно да го намалува производството на нафта за 500.000 барели дневно во однос на февруарскиот просек. Мерката потоа беше продолжена до јуни и конечно сега до крајот на годината.
Во септември испораките почнаа да се намалуваат за 300.000 барели дневно.
Новак минатата недела рече дека Москва постигнала договор со земјите од ОПЕК + за нови параметри за намалување на испораките на руска нафта на странскиот пазар.
На министерскиот состанок во јуни, ОПЕК објави дека ќе го намали производството на нафта за околу 1,4 милиони барели дневно од 2024 година.