Русија го осуди како терористички чин убиството на иранскиот нуклеарен физичар


Атентатот врз иранскиот нуклеарен научник Мохсен Фахризад е терористички акт што претставува провокација за Иран, а Русија го осудува злосторството, изјави денеска директорот на Државната дума за надворешни работи Леонид Слуцки.



„Убиството на иранскиот физичар Фахризад е терористички чин и провокација за Техеран. Многу е важно да се спречи ескалацијата на тензиите во регионот”, напиша рускиот пратеник на Твитер, пренесе „Тасс“.

Слуцки истакна дека Русија го осудува убиството, „без разлика кој стои зад ова злосторство“.

„Изразуваме длабоко сочувство до Иран и семејството на Фахризад“, додаде тој.

Иранската агенција ИСНА објави дека началник на иранскиот Генералштаб, Саид Абдолрахим Мусави, тврди дека Израел и САД стојат зад атентатот.

Иранскиот претседател Хасан Рохани уште вчера вети дека атентатот врз научникот нема да остане без одговор.

Иран ќе даде одмерен и решителен одговор поради убиството на најдобриот државен нуклеарен научник Мохсен Фахризад, изјави претходно советникот на Врховниот водач, Али Хамнеи.

Некои весници во Техеран денес соопштија дека иранската одмазда „треба да вклучува напад врз израелскиот град Хаифа“.

Иранскиот министер за одбрана рече дека прво било пукано кон автомобилот на Фахризад, а кратко потоа експлодирал пикап-камион полн со експлозив на растојание од околу 15 до 20 метри. Набргу потоа, нуклеарниот физичар им подлегнал на повредите во болница.