Украина објави дека Русија бомбардирала повеќе од сто населени места во последните 24 часа, најмногу во еден напад од почетокот на годината. „Во последните 24 часа непријателот бомбардирал 118 населени места во десет региони“, објави на социјалните мрежи украинскиот министер за внатрешни работи Игор Клименко, истакнувајќи дека ова е „најмногу од почетокот на годината“.
Покрај тоа, нападната е и рафинерија за нафта во Кременчук во центарот на земјата. Во нападот нема жртви, но повеќе од стотина пожарникари го гаснеа пожарот неколку часа, рече тој.
Украина и нејзините западни сојузници стравуваат дека Русија ќе ги интензивира нападите врз енергетската инфраструктура на Украина пред зимата, како што направи минатата година. Едно лице загина во бомбардирањето во текот на ноќта во Харковската област, а друго во Херсон, според локалните власти.
Во рускиот напад загина и жител на областа Запорожје, а во напад со руски дрон во Никопол на југот на земјата, едно лице загина, а четворица се повредени.
Украинските воздухопловни сили соопштија дека во текот на ноќта собориле 18 од 20 руски беспилотни летала. Од друга страна, руското Министерство за одбрана соопшти дека соборило два украински беспилотни летала над регионите Брјанск и Курск.