Розен поднесува оставка од функцијата министер за правда на САД


– Вршителот на должноста државен обвинител на САД, Џефри Розен денеска ќе поднесе оставка, откако беше привремено на чело на Министерството за правда.


 

Розен (62), поранешен заменик министер за сообраќај, кој положи заклетва за заменик-државен обвинител во мај 2019 година, го презеде Министерството за правда откако Бил Бар најави дека ќе поднесе оставка на 23 декември.

Во декември, локалните медиуми јавија дека Трамп ќе изврши притисок врз Розен да назначи специјални советници за да ги истражат неоснованите обвинувања на Трамп за наводна изборна измама и затајување данок од страна на синот на новоизбраниот претседател Џо Бајден, Хантер.

Розен тогаш изјави дека ќе продолжи да работи и да донесува одлуки врз основа на законот и фактите.

Розен беше воздржан во врска со неодамнешните немири во Вашингтон, но го осуди насилството во Капитол на 6 јануари од приврзаниците на Трамп, додека Министерството за правда вложи големи напори да ги идентификува и гони сите вмешани во немирите.

Во вчерашната видеопорака, Розен рече дека Министерството за правда е посветено на „обезбедување безбедна и мирна инаугурација“ и нема да толерира никој што се обидува да го одбележи денот со насилство.