Ризиците за нуклеарната централа Запорожје се зголемуваат секој ден, тврди градоначалник на град во Украина


Опасноста за нуклеарната централа Запорожје, на југот на Украина, каде Киев и Москва меѓусебно се обвинуваат за гранатирање повеќе од една недела, „се зголемува секој ден“, изјави денеска градоначалникот на градот каде се наоѓа електраната.

 

 

„Опасноста се зголемува секој ден“, рече Дмитро Орлов, градоначалник на Енерходар, осудувајќи го „вистинскиот нуклеарен тероризам“ на Русија, кој „во секој момент може да заврши со последици“.

„Нуклеарната централа е гранатирана секој ден и ноќ од окупираните села…ситуацијата е сериозна и најзагрижувачко е што нема процес на деескалација“.

Енерходар, како и нуклеарната централа Запорожје, беа заземени од руските сили на почетокот на март. Дмитро Орлов, лојален на Киев, се засолни во Запорожје, голем град во областа.

Според него, гранатирањето на Енерходар започнало во последните 24 часа, „што досега не се случило“, а во неделата загинал цивил, 45-годишен маж.

Нуклеарната централа Запорожје од минатата недела е цел на гранатирање, за што двете страни меѓусебно се обвинуваат, што ги подгрева стравувањата од нуклеарна катастрофа, поради што во четвртокот се состана Советот за безбедност на ОН.