Рекордно уништување на шумите во бразилска Амазонија


– Прелиминарните државни податоци ја зголемија загриженоста дека претстојната сува сезона ќе донесе уште повеќе уништување на шумите во бразилскиот дел на Амазонија отколку минатата година.


 

Областа каде имаше сеча на шума во мај, утврдена врз основа на сателитски снимки, е поголема за 41 процент во споредба со истиот месец во 2020 година, според Државниот институт за вселенски истражувања.

Мај е почеток на сушната сезона во Амазонија, кога нагло се зголемува дефорестацијата. Сечата на шумите достигна 1.180 квадратни километри минатиот месец, што е најмногу за мај во последните пет години.

Податоците за април и март беа исто така највисоки за тие месеци од почетокот на собирањето податоци во 2015-2016 година.

Владата на претседателот Жаир Болсонаро е под засилен надзор и има сомневање дека  ќе ги исполни неодамнешните ветувања за спречување на уништувањето на шумите, а нејзините официјални лица, вклучително и министерот за животна средина, се под истрага за можно олеснување на извозот на нелегално исечено дрво. Се испитува одделно дали министерот за заштита на животната средина Рикардо Салес спречил заплена на нелегална дрва.

„Климатска опсерваторија“ – мрежа на непрофитни еколошки организации, предупреди дека податоците за сечата во мај, објавени вчера, најавуваат загрижувачка сушна сезона, која е најсилна од почетокот на јуни до крајот на август.

„Ако трендот продолжи во следните два месеци, уништувањето на шумите во 2021 година може да заврши со невиден раст“, ​​се посочува во соопштението на групата.