Рамафоса: Богатите земји складираат вакцини


– Претседателот на Јужноафриканската република Сирил Рамафоза тврди дека богатите земји складираат вакцини и ги повика тие вишоци да ги достават на други земји.



Тој тврди дека богатите земји обезбедиле четири пати повеќе дози на вакцини отколку што навистина им се потребни, објави Политико.

– Набавката на дози имаше за цел складирање на вакцини. Ова беше направено со исклучување на другите земји во светот на кои вакцините им се најмногу потребни, изјави синоќа Рамафоса, во обраќањето на Светскиот економски форум во Давос.

САД и ЕУ досега искористија околу 15 милиони вакцини, додека ЈАР не започнала со вакцинација, а според механизмот Ковакс, кој треба да обезбеди еднаков пристап до вакцините, првите дози треба да пристигнат во таа земја дури во февруари, два месеци откако во Британија започна вакцинацијата.

Според „Политико“, и покрај големите количини вакцини, ЕУ е загрижена за натамошните набавки и плановите за зајакнување на извозот на вакцини, додека од друга страна се соочува со одложена испорака на вакцините од „АстраЗенека“.

Извршната директорка на УНАИДС Вини Бјањима рече дека ЈАР оваа состојба со вакцините ја доживува како „нов светски апартхејд“ и дека не станува збор само за дистрибуција, туку и за производство на вакцини.

– Гледаме фармацевтски компании кои ги штитат своите монополи над техничката и интелектуалната сопственост и потоа го ограничуваат производството. Богатите земји не се согласуваат кој колку ќе добие, додека остатокот од светот гледа, рече таа.