Украинската провокација во Курск не го спречи напредувањето на руската армија во Доњецк, изјави денеска рускиот претседател Владимир Путин, нагласувајќи дека Русија напредува исклучително брзо во регионот на Доњецк.
„Сега не зборуваме за поместување двесте или триста метри напред, туку зборуваме за квадратни километри“, посочи Путин и додаде дека руските вооружени сили одамна немаат вакво офанзивно темпо во Донбас, пренесува РИА Новости.
Рускиот претседател посочи и дека Москва не може да дозволи во близина на земјата да се создадат „непријателски структури кои прават агресивни планови против неа и постојано се обидуваат да ја дестабилизираат Русија“.
За време на посетата на руската област Тува, Путин денеска изјави и дека актуелните украински власти не се заинтересирани за прекин на непријателствата бидејќи, како што наведе, не се подготвени да одржат претседателски избори.